• Иван Димовски
Ракометната репрезентација на Германија ја совлада Норвешка 30-28 (15-17) во клучна битка од главната фаза на Европското првенство. Германците со овој триумф се вратија на водечката позиција во групата пред главните битки против Германија и Данска за место во полуфиналето.
Вистински и најголем херој на натпреварот беше голманот Андреас Волф. Искусниот голман беше навистина неверојатен и натпреварот го заврши со луди 23 интервенции. Тој беше апсолутен МВП, водејќи ја Германија низ најтешките моменти во средбата.
По мирниот старт први се наметнаа Норвежаните и поведоа со 3-7. Германците одговорија и се вратија до 8-8, а потоа се играше израмнето до крајот на полувремето. Скандинавците на одмор заминаа со водство од 15-17.
Имаше Норвешка и „плус три“ на стартот на второто полувреме, меѓутоа Волф одбрани неколку зицери и буквално сам го креира пресвртот. Иако нападот не беше на посакуваното ниво, со своите интервенции голманот го инспирира тимот. Главниот исчекор до победата Германците го направија со серијата од 5-0 по 21-21 и се одлепија, па стигнаа до голем триумф.
Во вториот дел освен Волф блесна и талентираниот Марко Гргиќ кој даде седум погодоци и ги поведе своите соиграчи до победата. Во таборот на Норвешка по пет реализации имаа Сагосен, Педерсен и Гуликсен.




