Андоновски: Важиме за фаворити, но Еурофарм Пелистер 2 е квалитетен состав

Еурофарм Пелистер 2 ќе биде следниот противник на Пролет во овогодишниот плеј-оф. Деби на клупата се очекува да има Зоран Кастратовиќ, кој неодамна го замени Никола Матлиевски.

Капитенот на домашниот тим Ласко Андоновски најавува неизвесен меч против квалитетен противник.

„На хартија важиме за фаворити, но Еурофарм Пелистер 2 на првиот меч јасно покажа дека станува збор за талентиран состав кој игра максимално мотивирано од првата до последната минута. Свесни сме што треба да направиме, само со максимално залагање во текот на целиот меч може да стигнеме до посакуваната победа“, вели капитенот.

Според организаторот на играта на Пролет, промената на тренерот донесе свежа енергија меѓу играчите.

„Доаѓањето на нов тренер секогаш значи и внесување на свежа енергија, но и мотивација кај сите ракометари да го дадат максимумот за да се наметнат за што поголема минутажа. Можам да кажам дека за време на репрезентативната пауза влеговме во силен ритам на тренинзи, се со цел да играме на највисоко ниво на преостанатите натпревари и со новиот стратег да ја оствариме зацртаната цел – Тинекс Пролет да игра во европските купови следната сезона“, истакна Андоновски.

Натпреварот меѓу Пролет и Еурофарм Пелистер 2 се игра денес со почеток од 18:00 часот.