Андоновски: Со Охрид сум врзан емотивно, заслуживме да играме во Европа

И покрај тоа што новата сезона започнува по повеќе од три месеци, екипата на Охрид неуморно работи на составување на својот состав со кого ќе се натпреварува во Суперлигата. 

„Гладијаторите“, по обновувањето на соработката со тренерот Раде Стојановиќ, си подадоа рака и со најдобрите поединци од последните сезони, меѓу кои и левото крило Крсте Андоновски. 

Капитенот, кој цела своја кариера го носи дресот на Охрид, е задоволен што повторно ја добил довербата од челните лица и смета дека клубот заслужува повторно да игра во европските натпреварувања. 

„Од самото формирање сум дел од клубот и за Охрид емотивно сум врзан. Имав понуди и од Македонија и од странство, но кога пристигна вистинската од Охрид во ниту еден момент не размислував која да ја прифатам. Состојбата во клубот е стабилна, се работи професионално и на тренинзите и на натпреварите и затоа сметам дека заслужуваме повторно да играме во евро-купови“, вели Андоновски за Gol.mk

Заради прекинот на Суперлигата, Охрид остана без борба за европските купови, но се надева на позитивен одговор од страна на ЕХФ, по апликацијата за „вајлд карта“ за учество во новоформираната Европска лига.