Андоновски: Прилеп нè опомена во Скопје, но подготвени сме за предизвикот

Ракометарите на Пролет гостуваат кај Прилеп, во рамките на Суперлигата на Македонија. Во пресрет на гостувањето, своето мислење го изнесе капитенот Ласко Андоновски. Тој предупреди дека ривалот не е наивен, а призна дека ќе биде тешко да се освои цел плен во Прилеп. 

„Тој прв натпревар ни е доволно предупредување, ако играме како што знаеме и наметнеме темпо можеме да стигнеме до победата. Од друга страна, ако се опуштиме Прилеп на првиот меч во Скопје докажа дека може лесно да влезе во серија и да ни ги помати сметките. Со триумфот над Скопје си ја вративме самодовербата, но јасно ни е дека мораме да одиграме максимално на овие три натпревари, кои се многу важни во борбата за влез во плејофот. Подготвени сме за предизвикот, посакуваме максимални три победи, но погледите моментно ни се насочени само кон Прилеп“, изјави Андоновски.

Пресметката на Прилеп и Пролет ќе се одигра вечерва со старт од 18:30 часот. Овие две екипи веќе се сретнаа еднаш сезонава, а бодовите тогаш останаа за скопјани кои славеа (31-28).