Андоновски: Не нè интересираат проблемите на Работнички, фокусирани сме само на нашата игра 

Ракометарите на Тинекс Пролет попладнево ги очекува нов предизвик, гостување во СРЦ Кале против градскиот ривал Работнички.  

Станува збор за меч на кој тимот предводен од Матлиевски е апсолутен фаворит, уште повеќе ако се земат во предвид проблемите на Работнички и заминувањето на дел од клучните ракометари во последните петнаесетина дена.

„Свесни сме за проблемите со кои се соочува противникот, но не обрнуваме преголемо внимание на нив бидејќи секогаш сме фокусирани само на сопствената игра. Треба да одиграме на препознатливо ниво, како речиси сите досегашни натпревари сезонава, доколку го сториме тоа победата нема да биде доведена во прашање“, вели капитенот Ласко Андоновски.

Дуелот со Работнички е идеална можност за враќање на победнички патеки по последниот пораз од Металург. 

„Тоа беше натпревар на кој бевме немоќни против фаворитот, за разлика од првиот меч на кој бевме блиску до победа, а на крајот освоивме еден бод. Немавме одговор за нивната одбрана и триумфот на Металург беше целосно заслужен. За нас мечот со Работнички е одлична можност да стигнеме до нов триумф и да се зацврстиме на делот од табелата што носи во плејофот“, истканува Андоновски.

Натпреварот меѓу Пролет и Работнички се игра од 15:30 часот, а истиот ќе можете да го гледате во живо на ОВОЈ линк.