Андоновски: Ме бараа клубови со европски амбиции, но моите планови се врзани со Пролет

Ракометарите на Тинекс Пролет и во второто коло од новата сезона дојдоа до триумф, откако по голема битка славеа над младиот состав на Металург 2. Победата е минимална, но ги донесе посакуваните три бода, што уште повеќе го креваат оптимизмот кај „зелените“ во пресрет на наредните предизвици на домашната ракометна сцена.

„Мораме да сме задоволни од начинот на кој ја стартувавме сезоната и двете почетни победи. Против Металург2 бевме на прагот на сигурен триумф, но потоа самите си ја искомпликувавме судбината. Тоа ни е добра опомена во пресрет на наредните натпревари, на кои ќе мораме да бидеме фокусирани во текот на сите 60 минути за серијата добри игри и резултати да продолжи“, истакна капитенот Ласко Андоновски.

За услугите на средниот бек се интересираа неколку суперлигашки екипи, но Андоновски уште еднаш ја потврди лојалноста кон Тинекс Пролет.

„Ме бараа клубови со европски амбиции, но моите планови за иднината се поврзани со Тинекс Пролет. Се чувствувам добро во овој клуб, тимската атмосфера е на најдобро можно ниво. Затоа и не се решив за нов предизвик, кога во Тинекс Пролет се функционира беспрекорно“, вели Андоновски.

Во рамките од третото коло тимот на Матлиевски го очекува дерби дуел со Металург, главниот фаворит за првото место во Супер-лигата.

„Металург е фаворит на хартија, но тоа само по себе значи и дека притисокот ќе биде врз ракометарите на оваа екипа. Ние одиме натпревар по натпревар, на секој меч ќе одиме на победа, без разлика на противникот. Наше е да одиграме најдобро што знаеме и доколку ни се укаже шанса да го изненадиме фаворитот и да стигнеме до нов триумф“, порачува Ласко Андоновски.

Следниот викенд се играат сите пет натпревари од третото коло, а покрај дуелот на скопските ривали, внимание привлекува и натпреварот Пелистер - Охрид.