Андоновски: Куманово нема да го потцениме и мора да бидеме максимално внимателни

Екипата на Пролет продолжува со суперлигашките настапи оваа натпреварувачка сезона со денешното гостување против екипата на Куманово. Избраниците на тренерот Матлиески одработеа квалитетно на тренинзите во изминатите седум дена, се со цел максимално подготвени да влезат во денешниот дуел и да стигнат до посакуваната цел - победа.

„Сакаме да ја забележиме првата победа во 2025 година. Вардар беше пресилен ривал на првиот меч, но овој пат ситуацијата е поинаква, се среќаваме со ривал со кого можеме да се надигруваме и кого можеме да го победиме. Свесни сме дека Куманово е тим што игра многу подобро на домашен терен, затоа ќе мораме да бидеме максимално внимателни. 

Слободно можам да кажам дека противникот нема да биде потценет, ние со респект гледаме на Куманово свесни дека само со максимална ангажираност ќе можеме да стигнеме до победата. Клучни ќе бидат цврстината во одбраната и дисциплината во нашиот напад, ако го одиграме она што е поставено како план од стручниот штаб верувам дека ќе се радуваме на крајот“, вели капитенот Ласко Андоновски.

Кумановци имаат само една победа во последните пет кола од Суперлигата, на првиот дуел оваа сезона Пролет славеше со сигурни 28-25.