АНАЛИЗА: Колку и какви странци играат во македонската Суперлига

Ракометната федерација на Македонија пред четири години донесе одлука за прогресивно намалување на странските ракометари кои играат во Суперлигата, врз основа на заклучок од тогашното Собрание. Врз основа на тоа правило, претстојната сезона во клубовите кои настапуваат во најелитната конкуренција, можат да настапат максимум девет странски ракометари. Предвидено е да застане на осум во сезоната 2019/20, но можеби РФМ ќе преземе и понатамошни мерки, односно уште повеќе ќе ги ограничи странците во македонскиот ракомет, се со цел македонските играчи да добијат повеќе простор во клубовите. Останува опцијата клубот да регистрира странци колку што сака, но на еден натпревар ќе можат да настапат само девет, а со ваквото правило само Вардар ќе има проблем во плеј-офот.

Сигурно повозрасните љубители на ракометот се сеќаваат на Олег Маљцев, Сергеј Турченко, Дејан Периќ, Шандор Ходик, Тите Каланадзе, Александар Мирзамамедов, Душан Новокмет, Денис Потапкин, Зоран Зубиќ, Жикица Милосављевиќ, Иван Телепњев, Ненад Дамјановиќ и многу други кои оставиле свои траги во Вардар, Металург, Пелистер, Борец, Преспа Јафа Промет, Младост Богданци... Во поново време само двата скопски тима може да се пофалат дека носат странци со репрезентативно педигре, додека во останатите тимови играат само просечни или потпросечни странски ракометари. Сигурно се сеќавате и на егзотичните трансфери на Јант Санчез од Куба во тогашната Струмица, Колумбиецот Сантијаго Москера во Еурофарм Работник, Либиецот Ал Нахас во Струмица, Бугаринот Добрин Тунтев исто така во струмичкиот тим, сите до еден промашени инвестиции.

Во претстојната сезона во Суперлигата ќе играат вкупно 46 странци, а оваа бројка може да биде поголема со оглед на тоа дека преодниот рок трае до крајот на февруари. Од тие 46, двајца можат да настапуваат и како домашни играчи – Тимур Дибиров и Реваз Чантурија. Во регуларниот дел играат десет клубови, а Вардар и Металург ќе им се приклучат во плеј-оф фазата во март. Во просек во еден македонски тим има по четири странски играчи. Прилеп, Борец, Вардар Јуниор и Пролет немаат ниту еден странец во ростерот, а најмногу има Вардар, вкупно 14. Тимот од Пролет веќе години наназад не ангажира ниту еден странец и ваквиот потег е за поздрав, а покажа дека и со исклучиво македонски ростер може да им се парира на сите други.

„Црвено-црните“ во последните години не произведоа ниту еден играч, а многу малку од нив прогресирале од вториот тим во првиот. Освен капитенот Стоилов, кој не потекнува од вардаровата школа, таму играат Мартин Поповски кој потекнува од штипски Текстилец, Владо Недановски кој е ресенски производ и Даниел Ѓорѓески, кој исто така не излезе од „црвено-црната“ школа. Освен голманскиот двоец Марко Кизиќ и Андреј Петковски, како и Марко Мишевски, кои не добиваат шанса, ниту еден од актуелниот ростер во Вардар, не започнал да тренира во нивната школа. Но, Вардар има резултати, има успеси, и има алиби зошто не произведува играчи во сопствениот погон, туку купува готови производи. Од ваквиот начин на работа, репрезентацијата нема голема корист, но едно е приватен клуб, а друго национален тим.

Металург од друга страна, ваков-таков, сепак им дава шанса на македонските играчи, без разлика дали се производ на нивната школа или на младинските школи на клубови од внатрешноста на Македонија. Танкоски, Шилегов, Лазаревски, Томовски, Даниловски, Арсеновски, Јагуриновски, Димитриоски, Серафимов... Но, Металург со овие играчи нема победа на официјален меч во новата сезона во сите конкуренции. 

Приказната секогаш има две страни!

Охрид конечно се „освести“ и прекина да се расфрла со пари за просечните странски играчи кои играа покрај езерото во последните неколку сезони, иако има еден таков сезонава во ростерот. Пролет има имиџ на домашен проект повеќе години, а Еурофарм Работник има тројца странци, од кои барем еден е играч што може да направи разлика на теренот. Струга има грузиски интернационалци што ветуваат, додека Пелистер е посебна приказна. Битолчани имаат состав „мачка во вреќа“, како што пишуваат навивачите на форумите. И веќе во првите неколку кола се виде моќта на ваквиот мешан состав. Од сите странци што дојдоа летово во Битола, само двајца-тројца се на ниво на нашата Суперлигата, а сите други места слободно можеа да се пополнат со домашни играчи.

Едно е во клубот да ги имате Штербик, Дибиров, Чупиќ, Јагањац, а друго е во клубот да ги имате Војводиќ, Миличевиќ, Черубин, Зејак....Клубовите треба сами да си ja направат „математиката“ и да пресметаат што е поевтино - Да купат анонимен странец или да вложуваат во млади домашни играчи!

Најмногу странци во Македонија има од Србија – 13, додека втори на листата се Хрватска и Црна Гора со по седум играчи. Трета е Русија со пет, а потоа следуваат Словенија и Грузија со по три интернационалци. Босна и Херцеговина има два интернационалци, Алжир, Бразил, Летонија, Иран, Габон и Украина имаат по еден странски играч во Македонија.

Во продолжение следува преглед на сите странци што играат во нашата Суперлига.

Вардар - 15

Дејан Милосављев – Србија
Калифа Гедбан – Алжир
Тимур Дибиров – Русија, Македонија
Данил Шишкарев – Русија
Иван Чупиќ – Хрватска
Рожерио Мораес – Бразил
Глеб Калараш – Русија
Сергеј Горбок – Русија
Вуко Борозан – Црна Гора
Игор Карачиќ – Хрватска
Сташ Скубе – Словенија
Јања Војводиќ - Србија
Грегор Оцвирк – Словенија
Дмитри Кисељов – Русија
Даинис Кристопанс – Летонија

Пелистер - 10

Милош Рајчиќ – Србија
Харис Плех – Босна и Херцеговина
Милан Поповиќ – Црна Гора
Реваз Чантурија – Грузија, Македонија
Огњен Лековиќ – Црна Гора
Вук Перовиќ – Србија
Владимир Зејак – Србија
Марко Кобетиќ – Хрватска
Мошен Карамиан – Иран
Табанге Черубин – Габон

Металург - 9

Огнен Савковиќ – Хрватска
Предраг Мијатовиќ – Србија
Михајло Младеновиќ – Србија
Халил Јагањац – Хрватска
Стефан Додиќ – Србија
Лука Стојановиќ – Србија
Тадеј Матијашиќ – Словенија
Адриан Миличевиќ – Хрватска
Анте Токиќ – Хрватска

Еурофарм Работник - 3

Никола Ивановиќ – Србија
Милан Ѓукиќ – Србија
Елмир Граџан – Босна и Херцеговина

Бутел Скопје - 3

Богдан Панченко – Украина
Милан Жегарац – Србија
Мирко Мајиќ – Црна Гора

Охрид - 2

Јагош Брауновиќ – Црна Гора
Лазар Петровиќ – Србија

Радовиш - 2

Божидар Симиќ – Црна Гора
Лука Бујиќ – Црна Гора

Струга - 2

Георги Дикаминџија – Грузија
Лексо Цителишвили – Грузија

Пролет - нема странски играчи

Прилеп - нема странски играчи

Борец - нема странски играчи

Вардар Јуниор - нема странски играчи