Аморим: Испробавме новости, ЕХФ-неделата за нас беше позитивна

Женската ракометна репрезентација на Македонија со домашни ракометарки одигра двомеч со Велика Британија. Нашиот национален тим победи и на двете средби, а коментар на двата меча со Британките даде една од асистентките во стручниот штаб на Кристијан Грчевски, бразилската ракометна легенда и македонска снаа Едуарда Аморим.

Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров истакна дека е задоволна од она кое го видела, затоа што домашниот тим во овие два натпревари имал шанса да испроба новости во играта и нови тактики.

„Вториот натпревар беше малку потежок од првиот, затоа што тимот требаше да игра во одбрана 3-2-1 и одбрана „седум на шест“, беше малку понапорно, но тимот беше супер. Одигравме добро во одбрана, а во напад можеше малку подобро. Во некои моменти фалеше дисциплина. Ама, ако направиме пресек на цела недела, тестовите ни беа позитивни и така ќе продолжиме со работа“, изјави Аморим.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Велика Британија заврши 36-17, додека вториот заврши 34-19.