Алушовски: Веспрем во моментов е далеку подобар од Вардар

Вардар вторпат убедливо загуби од Веспрем (39-30) и се прости од Лигата на шампионите. По натпреварот во Унгарија, тренерот Стевче Алушовски на прес-конференцијата истакна дека ривалот бил далеку подобар и поквалитетен и заслужено победил и во вториот меч.

„Сакам да му честитам на тимот за Веспрем за четвртфиналето. Исто како и на мечот во Скопје тие беа подобри. Ние имавме многу проблеми, посебно во првото полвуреме во транизицијата и Веспрем постигна лесни голови. Се обидовме и со седум на шест, но во овој момент Веспрем е далеку подобар тим од Вардар. Им посакувам се најдобро во четвртфиналето“, изјави Алушовски.

Во име на Вардар на прес-конференцијата говореше и Анте Гаџа, кој истакна дека иако скопскиот тим сакал да покаже ново лице, сепак, не успеал против далеку поквалитетниот Веспрем.

„Веспрем беше подобар во двата меча, посебно во дуелот во Скопје. Сакавме да покажеме друго лице од првата средба, ама ривалот не ни дозволи. Честитки уште еднаш, а ние сега ќе се обидеме да ги освоиме домашните титули“, изјави Гаџа.

Тимот сега го вперува фокусот кон домашната сцена, каде се бори за двојната круна, титулите во првенството и во Купот на Македонија.