Алушовски: Вардар секогаш се стреми кон трофеи, пред нас е уште една задача...

Предводникот на Вардар во заминување, Стевче Алушовски ги стави рацете на првиот трофеј во својата тренерска кариера, откако во „Автокоманда“ екипата на Вардар го совлада Еурофарм Пелистер во финалето на Купот. 

Поранешниот репрезентативец по натпреварот зборуваше за медиумите и нагласи дека амбициите на Вардар на домашна сцена секогаш се највисоки, а го најави и наредниот дуел на својот тим. 

„Вардар е тим кој секогаш се стреми највисоко на домашната сцена. Кажав дека Вардар е фаворит, но знаев дека ќе биде тежок натпревар, затоа што Еурофарм Пелистер имаат добар тим и тренер. Беше неизвесно до крајот. Имавме постојана предност во првиот дел, во вториот дел имавме проблеми во нападот во играта „шест на пет“. Пелистер тоа знаеше да го казни. Влеговме во завршница во која индивидуалци го решија натпреварот. Како и да е, заслужено го освоивме Купот, а пред нас е уште една задача - да одбраниме осум разлика од првиот меч. Одиме на победа и во Битола, изјави Алушовски. 

Иако во наредната сезона нема повеќе да го води Вардар, Алушовски со голема професионалност ќе ја доврши мисијата со надеж дека ќе се закити и со трофејот во Суперлигата на Македонија.