Алушовски: Со Толедо добивме големо засилување, но хендикепирани сме на лев бек

Екипата на Вардар ги стартуваше подготовките за новата ракометна сезона, во која ќе атакува на одбрана на три трофеи. 

Иако без поголемиот дел на првотимци, новиот тренер Стевче Алушовски веќе неколку дена работи со вардарци, а во неговиот ростер се најде и бразилското засилување Толедо, кое поради сериозна повреда сè уште чека на официјално деби за „црвено-црниот“ дрес. 

„Десет години бев дел од овој тим, а пет бев капитен. Но, ова сега е нешто сосема друго. Условите се далеку подобрено од моето време. Чест и задоволство е да се тренира овој Вардар, пред сè во вакви услови. 

Со враќањето на Толедо, Вардар добива многу на квалитет. Не само како играч, туку и за во ротација, затоа што тој е одличен ракометар кој игра во двата правци. Но, на левата страна сме малку хендикепирани со отсуството на Дисингер. Да се надеваме дека играчите што ќе го заменат ќе бидат здрави и заедно ќе се потрудиме да ја пополнеме таа празнина“, вели Алушовски.

Младиот стратег најави дека поради големиот број на натпревари ќе мора да ротира со својот ростер, а тоа значи и поголема минутажа за помладите ракометари.

„Кукуловски, Карапалевски, Кизиќ и уште некои други од помладите ако се докажат сигурно ќе добијат шанса за настап. Вардар го чека 30 натпревари оваа полусезона и секако дека ќе мораме да ротираме. Плус јас сум поборник секој ракометар кој заслужил да добие шанса за докажување на вистинското место“, заврши Алушовски. 

Со оглед на тоа што сите вардарци уште по првата групна фаза ги завршија своите настапи на Европското првенство, Алушовски побрзо од очекуваното на располагање ќе го има целиот ростер.