Алушовски: Со одбрана без енергија и проблеми во нападот... ова е реален резултат!

Стевче Алушовски, стратегот на Вардар, по натпреварот против Киелце и поразот во Полска му честита на ривалот за изданието и истакна дека неговиот тим играл без енергија во одбраната и со многу проблеми во нападот.

„Сакам да му честитам на тимот на Киелце и на Душебаев за втората победа над Вардар во седум дена. Загубивме две средби. Во првиот дел почнавме доста добро, но имавме проблем со брзата транзиција посебно во вториот дел од првото полувреме, а тим како Киелце кој во овој момент можеби е најдобриот во светот кога се говори за транзиција, знаеше како да не казни. Во вториот дел се обидовме со седум на шест, имавме и проблеми да организираме квалитетен напад. Во одбрана игравме без енергија, посебно кога бевме во ситуација еден на еден. На крајот, ова е реален резултат“, изјави тренерот Алушовски.

На прес-конференцијата во име на Вардар говореше и послкиот пивот Патрик Валчак.

„Честитки до Киелце за победата. Од моја гледна точка, имавме добар старт. По 15 минути игра почнавме да грешиме, губевме топки и му дадовме шанса на Киелце да дава лесни голови од контра и да поведе. Тоа беше најголемиот проблем за нас на овој дуел“, изјави Валчак.

Следен дуел за Вардар во Лигата на шампионите повторно ќе биде гостински. Македонскиот тим гостува кај Порто на стартот на месец декември, а потоа, ќе му биде домаќин на ПСЖ.