Алушовски: Ситуацијата во која сме не ни дава право да бидеме фаворити

Француски Монпелје е екипата со која европскиот првак Вардар ќе ја заврши групната фаза во Лигата на шампионите. В сабота во СЦ „Јане Сандански" на програмата е натпреварот од 14. коло во Б групата.

Сезонава на почетокот вардарци играа во Франција и извојуваа победа од 31-33. Во зависност од овој меч и оној во Белорусија меѓу Мешков и Порто, Вардар на крајот може да заврши и петтопласирани во групата.

„Нè очекува тежок натпревар во сабота. Нашата примарна цел и пласман во осминафинале ја остваривме против Мотор. Имавме нови проблеми со вироза, двајца ракометари беа болни и не можевме да направиме квалитетен тренинг. Тоа нема да биде изговор или оправдување. Ќе го дадеме максимумот на терен на оваа средба.

Она што можеме да кажеме во моментов е дека ќе се бориме максимално за секоја топка. Домаќини сме и европски шампиони, но ситуацијата во која се наоѓаме не ни дава за право да кажеме дека сме фаворити. Проблемите кои ги имавме и здравствените од оваа недела ни оставаат една мала резерва", вели Стевче Алушовски, тренерот на Вардар.

Билетите за натпреварот со Монпелје се веќе во продажба и се предвидува исполнета сала при СЦ „Јане Сандански".