Алушовски: Ракометарите да веруваат во себе, само така можеме до нешто големо

По три последователни натпревари без победа, Еурофарм Работник ја покажа својата квалитативна надмоќ и ја оправда фаворитската улога против еден од најдобрите босански клубови, Слога Добој. Победата од 26-24 во второто коло ги враќа избраниците на Алушовски во битката за првото место во групата и место во саботното финале.

Тренерот на битолчани на прес-конференцијата по натпреварот рече:

„Сакам да им честитам на домаќините, што одиграа одлично и ни го отежнаа патот до победата. Ние сме во фаза кога играме интензивно, ова е шести натпревар во шест дена, но тоа не треба да биде оправдување за променливиот настап попладнево. Сакам да им порачам на моите ракометари да веруваат во себе, во својата работа и само така можат да дојдат до посакуваните резултати“. 

Утре се комплетира второто коло во оваа група со дуелот меѓу Кринс Луцерн и Пекинг Спорт. „Фармацевтите“ од Битола утре се слободни.