• Мартин Танасковски

Македонскиот тим Еурофарм Работник ги заврши подготовките и се подготвува за историските настапи во СЕХА-лига и во Лигата на шампионите.
Стратегот на „фармацевтите“, Стевче Алушовски, вели дека ова е историска година за тимот и дека со полна сала, може да се забележат победи и успеси на европско тло.
„Сите тимови во групите на Лигата на шампионите се силни, а некои од тимовите имаат традиција, додека некои се како нас, со полна сила, ентузијазам и мотив. Се надевам дека на домашните натпревари ќе имаме полна сала, пеколна атмосфера и тоа ќе биде голема предност за нас. Ние сме нов клуб во Лигата на шампионите, имаме искусни играчи во ростерот. Сигурен сум дека Еурофарм Работник ќе биде тврд орев за секого. Се надевам дека ќе бидеме компетитивни и дека ќе ја завршиме групната фаза со што е можно повеќе победи. Не смееме да заборавиме дека ова е историска година за нас, успеавме да дојдеме до место во Лигата на шампионите и во СЕХА“, изјави за Европската ракометна федерација, Алушовски.
Првиот настап во СЕХА-лигата, Еурофарм Работник ќе го има на 4 септември на домашен терен против Спартак Москва, додека во Лигата на шампионите, првиот дуел е на 15 септември против Спортинг Лисабон од Португалија.