Алушовски парафира со Тор Акурејри и чека заминување за Исланд

По една и пол годишната авантура во Вардар 1961, македонската ракометна легенда, Стевче Алушовски ќе има нов клуб, откако прифати својата тренерска кариера да ја продолжи во Исланд.

48-годишниот стратег во следната сезона ќе го води второлигашот Тор Акурејри, клуб со кој ќе има цел експресно да го врати тимот во елитниот исландски ракомет. Алушовски парафира со новиот клуб, а в петок ќе „летне“ за Исланд, каде го чека голем предизвик. 

Македонскиот тренер се обврза на едногодишен договор со Тор, а тамошните медиуми објавуваат дека неговиот премин во Исланд привлече огромно внимание кај тамошната јавност, затоа што се работи за легенда на македонскиот ракомет.

Со вардарци минатата сезона Алушовски ја освои двојната круна во македонскиот ракомет, играше осминафинале во Лигата на шампионите и обезбеди четвртфинале во СЕХА лигата.

Битолчанецот пред да пристигне во Вардар работеше во редовите на Еурофарм Пелистер.