Алушовски: Немавме идеја во нападот на стартот на вториот дел

Едно добро полувреме не носи бодови во Лигата на шампионите. Вардар одигра фантастично во првиот дел на натпреварот со ПИК Сегед и на одмор замина со водство, но во вториот следуваше нов пораз за „црвено-црните“ (34-33).

По натпреварот во Унгарија, стратегот на вардарци, Стевче Алушовски не го криеше своето незадоволство од прикажаната игра на своите избраници и истакна дека воведните 15 минути од второто полувреме биле пресудни за поразот.

„Одигравме доста добар меч посебно во фаза на нападот. Но, имавме лоши 15 минути во вториот дел. Исто како и во Скопје, промашивме неколку зицери во важни моменти и немавме реализација при „седум на шест“. На крајот, ПИК Сегед дојде до втора победа“, изјави Алушовски.

Со овој пораз Вардар останува на последната позиција на табелата во групата А, а шанса за втора овосезонска победа ќе има на дуелот со норвешкиот претставник, Елверум, в недела во Скопје.