Алушовски: Ме радува потписот на Талески, работиме Вардар да е уште посилен

Стевче Алушовски, стратегот на Вардар, доби уште едно посакувано засилување во своите редови откако клубот ја официјализира соработката со македонскиот репрезентативец Филип Талески.

Во изјава за Gol.mk, предводникот на европскиот првак истакна дека е задоволен што Талески се вратил да игра во Македонија, а потенцира дека се гледаат уште засилувања на пазарот, на дефицитарните позиции во моментов, а тоа се средната и десната бековска позиција.

„Филип Талески конечно дојде во Вардар, ме радува што ќе го имам како тренер. Во екипата сега ни фали среден и десен бек, допрва треба да гледаме на тие варијанти и тоа сериозно. Покриени сме на сите позиции добро, освен на тие места. Претстои уште доста работа да најдеме добри играчи и да направиме добар избор. Вардар е европски шампион, добро е што повеќето играчи покажаа интерес да останат тука. Она што дополнително го направивме е засега добро. Го донесовме Санталов од претходно, сега и Талески на тие бековски линии. Тука е Никола Костески. Донесовме и квалитетен голман кој беше на списокот на француската репрезентација. Работиме во интерес на Вардар, да е посилен наредната година и со посилен ростер, ама има уште доста работа да бидеме комплетни“, ни изјави Алушовски.

Вардар доби нов сопственик во името на Михајло Михајловски, а се крои тимот за следната сезона. Костурот се задржа, се носат нови имиња, па дефинитивно е дека мак-ракометот го чека супер-интересна сезона во која мора да се споменат и Еурофарм Пелистер и Металург како сериозни конкуренти за најдобрите позиции на табелата.