Алушовски: Јас сум виновен за поразите, треба да поработиме на фокусот на ракометарите

Вчера попладне ракометарите на Еурофарм Работник се вратија од Шведска, каде по лошиот втор дел загубија од екипата на Савеход. Тренерот Стевче Алушовски им даде слободно попладне, а од денес започнува да го подготвува натпреварот со Металопластика в понеделник навечер во Битола.

„Фармацевтите“ се фаворити против српскиот вицешампион, но за разлика од македонскиот вицешампион, Србите цела недела во мир го подготвуваа натпреварот, за разлика од Еурофарм Работник кој одигра два натпревари во четири дена.

„Натпреварот со Металопластика доаѓа во незгоден момент по двата порази во три дена. Ривалот е млада екипа која е предводена од искусен тренер, Веселин Вуковиќ. Досегашните нивни резултати против Бешикташ и ППД Загреб покажаа дека се во добра форма. Ни следи интересен натпревар, ние како домаќини сме фаворити, но нема да биде лесно. Имаме два-три дена, ќе направиме добра припрема, ќе видиме кои се нивните добри и лоши страни и искрено се надевам дека в понеделник ќе ја извојуваме втората победа во СЕХА лигата“, рече Алушовски.

Младиот тренер потоа се осврна на двата порази во Лигата на шампионите и врз себе ја презеде одговорноста за лошите втори полувремиња.

„Моја е одговорноста за поразите од Спортинг и Савехоф. Падот во вторите полувремиња не е нова работа. Јас сум тренер од февруари годинава и ни се случуваа такви падови и минатата сезона. Се сеќавате на натпреварот со Вардар, на полувреме водевме со 18-10, па натпреварот заврши како што заврши. Ќе треба да поработиме на фокусот на ракометарите, да можат да го задржат сите 60 минути. Против Савехов во вториот дел не игравме во напад како што треба, а не ни трчавме како што треба да трчаме.

Екипата е физички беспрекорно подготвена, можеби ни фалат некои детали при замената одбрана-напад во вториот дел. Имаме доволен број квалитетни ракометари, пред нас се нови натпревари, треба напорно да работиме и резултатите ќе дојдат сами по себе“, заврши Алушовски.

Експедицијата на Металопластика пристигнува во Битола в недела и ќе тренира во попладневните часови.

Најнови вести од
СЕХА Лига