Алушовски: Одигравме најдобро сезонава, ама утнавме важни зицери

Македонскиот ракометен првак Вардар доживеа нов пораз во Лигата на шампионите. Со победа од Скопје си замина унгарски ПИК Сегед (26-28), по тешка битка до последниот звук на сирената. По средбата, стратегот Стевче Алушовски истакна дека промашените зицери многу го чинеле домаќинот.

„Најпрво, сакам да му честитам на тимот на ПИК Сегед за двата важни бода, овие бодови беа важни и за нас. Сакам да им честитам на играчите кои дадоа се од себе. Го одигравме можеби најдобриот меч оваа сезона. Јас сум малку тажен затоа што загубивме, ама сум среќен затоа што одиме во една добра насока со тимот. Се трудиме да бидеме секогаш фокусирани и спремни на сите предизвици. Сегед е една извонредна екипа која секоја година се бори за Ф4. Промашивме во клучните моменти ако не се лажам три пенали и една или две контри и овој натпревар можеше да заврши во наша корист. Меѓутоа што е, тука е, честитки на Сегед во следните натпревари“, изјави Алушовски.

Вардар ќе има шанса за одмазда за неколку дена, кога тимот гостува во Унгарија, повторно кај ПИК Сегед во рамки на Лигата на шампионите.