Алушовски: Брестовац беше најлогичен избор, странците заминуваат за подобар ангажман

Gol.mk ексклузивно интервју

Ракометната федерацијата на Македонија (РФМ) после три селектори надвор од границите на нашата земја довербата за „шеф“ во репрезентацијата му ја додели на актуелниот стратег на скопски Металург, Данило Брестовац. Според, македонската ракометна легенда Стевче Алушовски тоа е одличен потег и најлогичен и најреален избор.

„Луѓето во Ракометната федерација на Македонија добро ја анализирале ситуацијата и почуствувале дека странските тренери кои беа селектори ја оставаат селекторската позиција кога ќе дојдат до поголем ангажман. Со оглед дека работи со помладите генерации во репрезентацијата и моментално е тренер на македонска екипата, изборот за селектор на Данило Брестовац е најлогичен и најреален избор. На Данило му посакувам многу среќа, бидејќи ќе му биде потребна во склопувањето на селекцијата. Јас лично не ги делам играчите на млади и стари, туку на добри и лоши и мој совет е ако може да ги врати искусните играчи и да ја обедини селекцијата. Има играчи кои се` уште можат да дадат многу за репрезентацијата, а има такви кои не заслужуваат да го носат дресот на Македонија. Со победа над Исланд и Грција да се завери новото учество на големите собири и Брестовац да има одличен почеток, бидејќи многу ќе значи за неговата самодоверба и понатамошна работа“, изјави Алушовски.

Разговара: Михаил Постолоски

Тренерот на битолскиот тим, Еурофарм Работник даде свое видување за подмладувањето и потенцираше дека ракометарите треба да се делат на добри и лоши, а не на стари или млади.

„Македонија е чудна земја во која ракометар до 28 години е талент, а над 30 години е веќе ветеран. Еднаш кажав и ќе напоменам дека играчите треба да се делат на добри и лоши, а не на млади и стари. Можеби да е најдобар со 40 години, а исто така и 18-годишен ракометар да биде двигател. Жив пример е норвешката селекција. Мирхол со 37 години е еден од носителите на репрезентацијата, а Сагосен и другите помлади момци исто така се темели на Норвешка. Репрезентативниот дрес кај нас рано му се поклонува на некои ракометари кои искрено не заслужуваат да играат во своите клубови. Мислам дека тоа е најголемиот проблем, а исто така сметам дека новинарите и јавноста прават притисок меѓутоа селектор треба да пресече и да се носи со притисокот. Крајниот продукт треба да биде учество на Европско или Светско првенство и некој забележителен пласман, а не како на последниот Мундијал“, рече Алушовски.

Претходниот селектор Раул Гонзалез и неговиот претходник Лино Червар форсираа игра седум на шест, додека Ивица Обрван не` негуваше таков стил, а рака на срце не беше ниту во мода.

„Играта седум на шест е дел од правилото што значи може да се игра. Јас ја почитувам таквата игра, но бара доста работа како и секој процес во ракометот. Имате играч повеќе и предност во напад, но мора да мислите да се вратите во одбрана и да не згрешите. Јас во моментов не сум подготвил игра седум на шест, но не исклучувам кога ќе ни биде потребен погодок да уфрлам играч повеќе во напа“,  потенцираше стратегот на битолчани.

Како ракометар беше незаменлив на левата крилна позиција, а рече дека сака еден ден да ја предводи од клупата македонската ракометна репрезентацијата.

„Секој еден тренер се стреми да биди најдобар. Како репрезентативец поминав 21 година во репрезентација и не би рекол дека не сакам или дека не се гледам како селектор на Македонија. Јас сум премногу млад во тренерските води, но не значи дека сум неискусен. Во ракометот сум речиси цел мој живот. Како играч имав можност да работам со светски стручњаци и да ја делам соблекувалната со врвни ракометари. Последниве 4-5 години се едуцирав многу и мислам дека времето е пред мене и работи за мене. Треба добро да работам во клубовите каде што сум ангажиран и после таа да се препознае и да се поклопат коцките. Да се разбереме, јас не копнеам по функции, туку сакам девизата работа и само работа да ме води по патот на успехот“, додаде Алушовски.

Ракометарите на Еурофарм Работник одработија седумдневни подготовки во Охрид кои треба да бидат база за предизвиците кои следуваат. Најголемиот е битката со Металург за позицијата број два во Суперлигата.

„Еурофарм Работник е екипа во создавање и оваа година ќе се обиде да го нападне Металург и втората позиција во Суперлигата. Ланската се обиде, но не успеа. Знам дека ќе биде многу тешко, но тоа треба да биде мотив плус за нас. Ни следат два натпревари во Купот на ЕХФ и три во плеј-офот во две недели, а и незнам каква ќе биде ждрепката. Сепак, верувам во момците, добро одработивме подготовки во Охрид“, заврши Алушовски.

Во вторник ќе биде познат календарот за Суперлигата, а следниот европски предизвик е натпреварот со Хановер следната недела во Битола.