Алуш се прости со победа: Кизиќ „спушти ролетна“, Вардар оди на Загреб во СЕХА

Македонскиот ракометен првак Вардар уште еднаш славеше над Металопластика (26-23) и со втора победа во нокаут-рундата патува во четвртфиналето на СЕХА-лигата, каде ќе се соочи со хрватскиот шампион ППД Загреб.

  • Извештај од натпреварот: 

Следи дуел на балканските титани, а еден од двата ќе мора првпат да не игра на Ф4-завршницата откако е формирана. Вардар е најтрофеен тим во СЕХА, Загреб е клуб со традиција и подготви големи засилувања, па сигурно е дека чека интересни две пресметки. Ова беше последен меч за Стевче Алушовски како прв тренер на Вардар, затоа што од следната сезона на кормилото ќе седи Веселин Вујовиќ. 

Гостите од Шабац почнаа одлично и водени од Воркапиќ и Срѓановиќ поведоа со 1-7. Стартот на натпреварот наликуваше на вчерашниот, па вардарци дури и повеќе грешеа. Алушовски повика минута одмор и екипата почна да ја „топи“ српската предноста. Чупиќ и Дибиров ја презедоа работата во свои раце и со по три гола до одморот донесоа пресврт. Вардар 1961 израмни на 11-11, а Талевски и Стоилов со голови во последните две минути донесоа +3 за фаворитот по првиот дел. 

Во второто полувреме Вардар ја држеше предноста, иако Алушовски комбинираше. Голем виновник за тоа беше голманот Марко Кизиќ кој имаше вонсериски натпревар и во 45. минута зад своето име имаше 14 одбрани. На влезот во последните десет минути противникот дојде најблиску, Вардар имаше два гола предност (22-20), која пак се врати на четири на пет минути пред финишот (24-20), па Металопластика со втор пораз си замина од Скопје.

  • Потег на натпреварот: 

Голманот Марко Кизиќ беше феноменален и заврши со 17 одбрани. Најдобри кај стрелците беа Шеваљевиќ и Дибиров со по пет гола, пред Чупиќ со четири реализации. Кај Металопластика, Дукиќ запиша шест гола. Четвртфиналето во СЕХА се очекува да биде во месец август.