Алонсо: Вардар е различен од лани, ама уште го има „костурот“

Мешков Брест е ривалот на Вардар во Лигата на шампионите со кого „црвено-црните“ досега имаат одиграно најмногу натпревари. Вкупно 24 меѓусебни меча имаат двата тима, а новиот двомеч во групите го најави тренерот Раул Алонсо.

Шпанскиот стратег кој го предводи белорускиот првак вели дека се работи за тешка група, арно ама немало начин истата да биде лесна, затоа што во Лигата на шампионите оваа година се наоѓаат само најквалитетните екипи.

„Беше јасно дека нема шанси да се добие лесна група во Лигата на шампионите. ПСЖ, Флензбург, ПИК Сегед и Килеце ги двојам во групата како екипи кои имаат големо европско искуство, Вардар е различен од лани, ама уште го има „костурот“ и неколку играчи од лани и ќе биде интересно против нив. Порто го знаеме од лани. Мора да го дадеме најдоброто од себе“, изјави Алонсо.

Вардар досега има играно со сите екипи во групата, со исклучок на норвешки Елверум кој за првпат ќе се соочи со „црвено-црните“.