Алонсо го разигра целиот тим, Еурофарм Пелистер сигурен кај Бутел

Екипата на Еурофарм Пелистер ја оправда фаворитската улога и славеше сигурно на гостувањето кај Бутел Скопје со 22-34 (9-15) во рамки на четвртото коло на плеј-офот во македонскиот ракометен шампионат.

  • Комплетниот натпревар меѓу Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер:

Тренерот Раул Алонсо го разигра тимот, сите играчи кои беа во записникот добија шанса и се запишаа во листата на стрелците, со исклучок на дефанзивецот Илија Абутовиќ кој беше единствен без погодок на гостувањето кај Бутел во дресот на „зелените“ од Битола.

Победата беше сигурна, во ниту еден момент од мечот немаше неизвесност. Уште од почетокот пелистерци отворија добро и заминаа на 3-8, па константно водеа. До полувремето, разликата меѓу двата тима беше шест гола (9-15), а откако во вториот дел се замина на двоцифрен плус (14-24), таа позитива ниту еднаш не се испушти.

Најдобар стрелец кај победникот беше Дејан Манасков со шест гола, а Домен Тајник, Урош Борзаш и Усама Хосни погодија по три пати. Кај Бутел Скопје, Дејан Михајловиќ и Димитар Узунчев дадоа по четири гола.