Алкалоид во сала за 9.000 гледачи ќе гостува кај АЕК во Атина

Македонскиот тим Алкалоид ќе игра во финалето на Европскиот Куп на ЕХФ, а противник е АЕК од Атина, кој ја избра салата во која ќе се игра натпреварот.

Грчкиот тим ќе го пречека тимот на Лазаров во „Ано Лосиу Арена“, олимписката сала позната и како Сунел Арена. Во оваа сала на ЛОИ 2004 се одржуваа натпреварите од боречки вештини, а потоа беше адаптирана за повеќе спортови, а од 2021 година во неа главно се игра кошарка.

Капацитетот на салата за натпревари е околу 9.000 гледачи. Во оваа сала гостуваше Македонија во квалификациите за СП 2015 во Катар, каде ја совладавме Грција со 27-25.

Мечот меѓу АЕК Атина и Алкалоид се игра на 18 мај од 18:00 часот, реваншот на кој ќе се додели пехарот е следниот викенд во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски“.