• Иван Димовски

Ракометарите на Алкалоид со триумф од 27-22 против Динамо Панчево тргнаа во првото коло на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид.
Пресметката во салата „Билјанини Извори“ му припадна на ланскиот македонски освојувач на Купот. Момците на Кире Лазаров се наметнаа по израмнетиот старт и почнаа да градат предност. Највисокото водство во првиот дел беше седум разлика, а баш со таа разлика се замина и на одмор (16-9).
На стартот на продолжението тимот од Панчево успеа да ја преполови негативата, додека нашиот тим бркаше прв гол. Сепак, Алкалоид успеа да се консолидира, пак ја врати предноста и одново достигна плус седум пред крајот. Во финишот со рутинска игра скопскиот тим ги впиша првите бодови на турнирот.
Во група со Алкалоид и Динамо Панчево се уште Ловќен и Олимпијакос.