Алкалоид со убедливо издание против Струга се „загреа“ за Ферлах

Македонскиот претставник во ЕХФ Европската лига, скопски Алкалоид, со победа се загреа за европското деби и саботниот меч со австриски Ферлах. Тимот на Кирил Лазаров веднаш реагираше по поразот во Охрид и убедливо ја совлада екипата на Струга на Божидар Мојсов со 33-22 (16-8).

  • Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Струга:

Од самиот старт тимот на Алкалоид започна авторитетно, цврство во одбрана и одговорно во напад. По 3-3 екипата на Лазаров оствари серија 5-0 и резултатски се одлепи. Предноста брзо дојде до 7-8 гола, а на одмор се замина со 16-8. Костески и Николов беа посебно мотивирани, а во вториот дел одлични беа и нивните замени. Во второто полувреме постојано Алкалоид имаше двоцифрена предност и на крајот извојува победа со разлика од единаесет гола.

Најефикасни во победничкиот табор беа Костески со шест и Тордарсон и Дамјан Митев со по пет гола, а кај Струга се истакнаа Шилегов со пет и Мартин Манасков и Родиќ со по четири гола. Кај Алкалоид одличен беше голманот Иван Галевски со 15 одбрани.

По првите седум кола Алкалоид има шест победи и еден пораз и се наоѓа веднаш зад максималниот Вардар 1961.