• Саше Љолес

Екипата на Алкалоид без поголеми проблеми славеше со убедливи 22-32 (10-15) на гостувањето кај Струга во третото коло од плеј-офот на македонската ракометна Суперлига. Избраниците на Кирил Лазаров беа во многу подобар ритам и сосема заслужено впишаа нови бодови на табелата.
- Комплетниот натпревар против Струга и Алкалоид:
Гостите од Скопје малку побавно го започнаа натпреварот, стружани имаа водство во два наврати, но до истекот на првото полувреме дојде до израз квалитетот на Алкалоид, кој на паузата водеше со резултат 10-15.
Вторите триесет минути донесоа слична слика на паркетот. Алкалоид заигра во силен ритам и го красеше тимската посветеност, а во овие моменти одлични беа Џонов и Митев. Скопскиот состав со умешна и рутинска игра полека го најавуваше новиот триумф, а на крајот конечниот резултат гласеше 22-32.
За Алкалоид ова е трет триумф во низа во плеј-офот од Суперлигата, додека Струга сѐ уште нема победа во разигрувањето за титулата и го впиша третиот пораз. Најефиксни во победничкиот табор беше Дамјан Митев со седум гола, Кофиловски и Џонов додадоа уште по пет, додека кај Струга најрасположен ракометар беше Александар Тренчевски, кој запиша шест голови зад своето име.