Алкалоид со стил се одјави од Прва лига и го крена шампионскиот пехар!

Македонскиот ракометен клуб Алкалоид забележа голем успех уште во првата своја сезона. Амбициозниот проект предводен од искусниот стратег Љубомир Савевски со стил се одјави од Првата ракометна лига на Македонија и го доби шампионскиот пехар за најдобар тим во сезоната.

Во последното коло од прволигашкиот шампионат, Алкалоид со убедливи 39-19 славеше над Младост Богданци и уште еднаш потврди дека во следната сезона во мак-елитата нема да има споредна улога.

Репрезентативецот Мартин Серафимов со седум, Иваноски со пет и Илиески и Димовски со по четири гола беа најпрецизни во победничкиот табор, додека за Младост по четири погодоци имаа Чрчев и Николовски.

По завршувањето на натпреварот, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, им го врачи победничкиот трофеј на младите избраници на Савевски.