• Иван Димовски
Ракометарите на Алкалоид ќе го дочекаат Хановер во рамките на реванш натпреварот од бараж двомечот за пласман во Европската лига на ЕХФ.
Скопскиот тим не успеа да извлече позитивен резултат на теренот на бундеслигашот, па за реваншот дома има негатива од десет гола. Секако дека во спортот чудата се возможни и еден тим никогаш не смее да се предаде, па пред Кирил Лазаров е тешка мисија да ги убеди своите млади ракометари да одиграат максимално и да се борат до самиот крај.
Хановер има сигурна предност и веројатно растеретен ќе влезе во натпреварот во Скопје, па можеби тука е шансата на Алкалоид. Македонскиот претставник ќе игра за честа во европскиот ракомет, откако дојде во плеј-оф рундата со „вајлд-карта“ како лански освојувач на ЕХФ Купот.
Сепак, во ждрепката Алкалоид немаше среќа, па слично како Вардар пред неколку години (налета на Рајн Некар Левен) го доби најтешкиот можен ривал. Двомечот со Хановер со сигурност ќе му биде од помош на Лазаров и на младиот тим за уште повеќе да расте.
Средбата се игра во салата „Автокоманда“ во терминот од 19:30 часот.





