Алкалоид со позитивни мисли пристигна во Германија, ќе има директен пренос

Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид пристигна во Германија, каде и официјално ќе ја започне новата натпреварувачка сезона.

Освојувачот на ЕХФ Купот немаше среќа во ждрепката за плеј-офот за влез во Европската лига, затоа што за противник го доби бундеслигашот Хановер. Но, во таборот на Алкалоид секогаш владее оптимизам, па така ќе биде и за овој дромеч.

„РК Алкалоид пристигна во Германија и е подготвен за првиот меч со РК Хановер Бургдорф во Европската лига на ЕХФ“, стои во објавата на клубот.

„Сините“ од Автокоманда запишаа позитивни резултати во подготвителниот период и седум победи од исто толку натпревари. Првата средба со Хановер се игра во недела, со почеток од 17:00 часот со директен пренос на националниот сервис.