Алкалоид со пораз ги заврши гостувањата во Европската лига

Македонскиот ракометен вицепрвак Алкалоид со пораз ги затвори гостинските натпревари во Европската лига на ЕХФ. Тимот на Лазаров доживеа пораз кај Војводина (33-29) и така останува со еден освоен бод на деби-настапот во еврокуповите.

Поискусниот тим важеше за фаворит и на терен ја оправда улогата. Алкалоид поради неколку клучни промашувања и повторно промашен пенал се стави во позиција цело време да брка резултат, кој ниеднаш не го престигна откако ривалот од Нови Сад се одлепи.

Дуелот во „Слана бара“ беше во егал 15 минути кога резултатот гласеше 6-7 за ривалот, а откако Алкалоид не искористи напад за израмнување, се тргна надолу. Трнавац влезе во серија на одбрани, нападот на Војводина реализираше, за највисоки 11-7 во тој дел од натпреварот.

Оттогаш па се до крајот, Алкалоид беше во негатива. На полувремето беше 16-11 за Војводина, а во вториот дел високиот плус цело време беше на контото на ривалот. Највисокиот плус кој српскиот тим го имаше на натпреварот беше 33-25.

Најдобар стрелец кај победникот беше Азиз со девет постигнати гола, пред Воркапиќ со седум и Голубовиќ со шест реализации, додека кај Алкалоид, Серафимов имаше осум, пред Марко Митев со шест гола, а голманите Трајковски и Галевски собраа десет одбрани (8+2). Кај Војводина, Трнавац заврши со 18 одбрани.