Алкалоид со одличен пристап во вториот дел извојува важен триумф во Охрид

Екипата на Алкалоид Ракомет во последните петнаесет минути успеа да го надигра ГРК Охрид и да слави со 28-36 (14-16) во натпреварот од четвртото коло во суперлигашкиот плеј-оф. За нашиот претставник во Европскиот куп на ЕХФ ова беше втор триумф во разигрувањето за шампионската титула, а охриѓани третпат загубија. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Охрид и Алкалоид: 

Избраниците на Кирил Лазаров одиграа за нијанса подобро во првото полувреме и прикажаа извонредна тимска игра, а на паузата водеа со два гола разлика (14-16). Во овој период блескаа бековите на Куп-победникот, а посебно впачатлив беше струмичанецот Ѓорѓиев. Охрид започна во солиден ритам на стартот од вториот дел и се одржуваше во егал во воведните минути, најавувајќи голема борба до крајот. 

Скопскиот состав имаше мал пад во играта, што доведе до нерешен резултат во 38. минута (20-20), но потоа повторно ја врати предноста и делуваше дека е во добар налет за завршниот период. Домашната клупа и Стевче Алушевски повикаа два тајм-аути пред последните десет минути, но Алкалоид потоа поведе со четири гола предност по седмерецот на Мартин Серафимов и се чини дека тука го направи клучниот исчекор кон победата. До крајот на натпреварот охриѓани се обидоа уште еднаш да се вратат на пристојна негатива, но останаа без сили и загубија со конечни 28-36.

Најефикасен во победничкиот тим беше Игор Ѓоргиев со шест голови, а на спротивната страна ист учинок имаше Теимураз Орјоникидзе. Во следното коло Алкалоид на домашен терен ќе се сретне со Бутел Скопје, а ГРК Охрид ќе гостува во Кавадарци кај екипата на Тиквеш.