Алкалоид со 21 ракометар се аклиматизира на Маврово

Екипата на Алкалоид продолжи со подготовките за новата сезона во Суперлигата и втората фаза започна да ја одработува во Маврово.

Екипата предводена од тренерот Кирил Лазаров почна со тренинзи и воигрувањето за новите предизвици кои следат. Алкалоид може да смета на сите ракометари во Маврово, а ростерот брои вкупно 21 име.

Тренинзите во Маврово ќе бидат најава за пријателските натпревари кои следат, а ќе бидат пет до шест контролни дуели. Алкалоид, кој е актуелен Куп-освојувач, ќе настапи и на пријателски турнир во Охрид од 20 до 24 август.

Алкалоид пред себе ќе ја има првата сезона во која на четири фронта ќе игра за трофеј. Тимот покрај во Суперлигата и Купот на Македонија за првпат ќе игра и во Суперкупот, како и во меѓународниот ЕХФ Куп.