Алкалоид сигурно до место во осминафиналето на ЕХФ Купот!

Актуелниот Куп-освојувач на Македонија, екипата на Алкалоид, ја оправда фаворитската улога и со втора победа над Вест Виена од Австрија на домашен терен (32-29) се пласира во осминафиналето од ЕХФ Европскиот Куп.

Избраниците на Кирил Лазаров двата меча ги играа пред своја публика и го искористија тоа. По вчерашната победа над младиот австриски ривал со двоцифрена разлика, реваншот во „Автокоманда“ беше само формалност за „сините“ и во ниту еден наврат не му се дозволи на ривалот да влезе во игра за победата.

Гледавме еден ефикасен меч во Скопје, со активна игра на двете страни на стартот. Резултатска бркотница имаше на семафорот, но Алкалоид константно го држеше резултатот под контрола. Главната разлика македонскиот тим ја направи со серија од 5-0, кога замина на плус од 15-8. На полувреме резултатот гласеше 16-12.

Во второто полувреме разликата беше константно три до четири гола, а потоа се дојде и до плус од пет и без проболеми го приведе мечот кон мирен финиш во своја корист. Најдобри стрелци кај Алкалоид на овој натпревар беа Мартин Серафимов и Александар Петковски кои дадоа по седум гола, додека кај Вест Виена, Мелешниг погоди пет пати.

Алкалоид ривалот во осминафиналето од ЕХФ Европскиот Куп ќе го дознае на 3 декември. Мечевите се играат во февруари.