• Иван Димовски
Ракометарите на Алкалоид рутински го средија Пролет и славеа со 26-39 (15-20) за „девет од девет“ во Суперлигата на Македонија. Избраниците на Кирил Лазаров без поголеми потешкотии дојдоа до цел плен на гостувањето во салата „Македонско сонце“.
- Комплетниот натпревар меѓу Пролет 62 и Алкалоид:
Парираше домаќинот само во воведните минути иако Алкалоид веднаш почна да се наметнува. По израмнетиот почеток следеше одлепување на гостинот кој бргу и релативно лесно дојде на седум разлика, највисоко водство во првиот дел. Успеа Пролет да „стопи“ три гола од негативата, но на пауза се замина со 15-20.
Слично се продолжи и во вториот дел, Пролет најблизу пријде на „минус четири“ во три наврати, но ривалот играше сигурно и чекореше кон победата. Во завршницата предноста драстично почна да расте и ја надмина двоцифрената маргина. На крајот Алкалоид славеше со високи 13 разлика.
Најефикасен играч на мечот беше Андреј Стојановски од Пролет со седум реализации, додека кај Алкалоид се истакна Мартин Серафимов со шест, а по пет гола дадоа Митев и Бинго.