Алкалоид се надева на изненадување против Војводина во Нови Сад

Ракометарите на Алкалоид ѝ гостуваат на Војводина во рамките на петтото коло од Европската лига на ЕХФ. Избраниците на Кирил Лазаров од вчера се во Нови Сад и се подготвуваа за натпреварот против српскиот тим. 

Македонскиот вицепрвак врза два порази во натпреварувањето, двата од Бјерингбро-Силкеборг, дома и на гостински паркет. Во првиот меч со Војводина, кој воедно беше и европско деби, Алкалоид загуби со 26-31, иако се обидуваше да парира. Србите беа фаворит тогаш, а имаат предност и пред реванш дуелот во својата сала. 

Досега Војводина беше поразена само еднаш во групата и тоа изненадувачки од Ла Риоха пред две рунди на свое тло. Тоа му дава надеж на Алкалоид дека српскиот ривал не е непобедлив и може да се надигруваат. Момците на Лазаров се во потрага по првата победа во Европската лига, а ако не успеат во Нови Сад, последната можност ќе ја имаат со Ла Риоха во Скопје. 

Пресметката меѓу Војводина и Алкалоид е закажана во терминот од 18:45 часот.