• Иван Димовски

Ракометарите на Алкалоид одиграа уште една неверојатна партија и вторпат сезонава го совладаа Вардар (21-25), овојпат како гостин во СЦ „Јане Сандански“. Со овој триумф четата на Лазаров го осигура второто место на табелата, а со тоа и директен пласман во Европската лига на ЕХФ. Во нов драматичен натпревар вардарци премногу грешеа, па тоа беше казнето од страна на мотивираниот противник.
- Целосниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Алкалоид:
Пресметката тргна во знакот на „црвено-црните“ кои во воведниот налет дојдоа до предност од два гола со 3-1, а потоа и 5-3. Сепак, Алкалоид се консолидира, успеа да заигра посигурно и тоа резултира со пресврт, односно серија од 4-0 за водство од 5-7. Избраниците на Кирил Лазаров диктираа темпо во преостанатиот дел од полувремето. Водството почна да расте, дојде на максимални плус четири (8-12), меѓутоа вардарци анулираа два гола и на одмор се замина со активни 10-12.
И продолжението започна во знакот на гостинската екипа во Аеродром. Ракометарите предводени од македонскиот селектор поведоа со 11-14, пред да дојдед до „будење“ на сега веќе поранешниот шампион. Тензијата во редовите на Вардар беше видлива, нервозни како да беа сите, меѓутоа неколку технички грешки и промашувања на Алкалоид го вратија ривалот во игра. Вардарци дојдоа до егал на 18-18, по што следеше нов пад на концентрацијата и казна со три последователни гола за 18-21.
Во многу важен момент, при закана за пасивност и само едно додавање, Дутра погоди од тешка позиција. Сепак, слеадеа и две грешки кои Алкалоид ги казни, па по головите на Стојковиќ и Серафимов во последните четири минути се влезе со 19-23. Вардарци немаа сили, ниту време за кам-бек. Кога на тоа ќе се додадат и неколкуте промашувања, тогаш победата на Алкалоид е сосема заслужена.
Најефикасен играч на натпреварот беше Мартин Серафимов со шест реализации, додека му помогна и Џонов со четири. Во таборот на домашните по четири пати погодуваа Дутра и Георгиевски.