• Иван Димовски

Ракометната јавност во Македонија попладнево ќе биде насочена кон Автокоманда, каде што Алкалоид ќе биде домаќин на Вардар во дербито на 6. коло во плеј-офот на Суперлигата.
Избраниците на Кирил Лазаров сакаат одмазда за поразот на стартот на доигрувањето во СЦ „Јане Сандански“ од осум разлика. Алкаллоид успешно чекори во европската авантура и се пласираше во финалето на ЕХФ Купот, додека во домашното првенство губеше на гостувањата кај Вардар и Еурофарм Пелистер и заостанува во трката за титулата. Тимот на Лазаров се пласираше и на завршниот турнир во Купот на Македонија каде што го брани трофејот. Сепак, иако има висок минис зад водечкото дуо, Алкалоид со сигурност ќе се обиде да ги изненади ривалите на свој паркет. Првиот таков предизвик го има против Вардар.
Четата на Гиљермо Милано гостува во Автокоманда со одлична серија зад себе. Последен пат Вардар загуби на 14 декември во Битола од Еурофарм Пелистер (35-33), а оттогаш нанижа 14 победи во Суперлигата и Купот на Македонија. И пред ова гостување вардарци имаат фаворитска улога, а поразите од Алкалоид во изминатите години ги чинеа многу па со сигурност нема да се опуштат. Токму поради поразот во првиот дел од сезоната на Вардар од градскиот ривал, на крајот и покрај подобриот меѓусебен скор со Еурофарм Пелистер скопјани завршија на второто место и пренесоа бод помалку во плеј-офот.
Средбата меѓу Алкалоид и Вардар 1961 се игра во 18:00 часот.