• Горан Упале

Ракометарите на Алкалоид продолжуваат да газат сè пред себе во новата сезона во Суперлигата. Вечерва, во последниот натпревар од петтото коло, ја запишаа петтата победа, откако на гости со сигурни 25-31 славеа над Тиквеш.
- Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш и Алкалоид:
Лидерот помотивирано го отвори гостувањето во Кавадарци, Марко Стојковиќ, Марко Митев и Мартин Велковски ги постигнаа првите голови, но реакцијата на домаќините беше соодветна и Обина од пенал и Темелковски од контра донесоа израмнување на 3-3. Марко Кизиќ доби предност во однос на Иван Галевски и одлично одговори на пружената шанса. За краток период запиша неколку успешни интервенции, но нападот не успеа да ги капитализира тоа.
Сепак, во финишот од полувремето момците на Лазаров го покажаа најдоброто од себе, конечно го скршија отпорот на домаќинот и на полувреме резултатот гласеше 13-19 за скопјани.
Младите момци на Лазаров стекнатата предност во првото полувреме искусно ја сочуваа во продолжението. Тиквеш во вториот дел имаше неколку налети да ја врати неизвесноста на средбата, но лидерот не го дозволи тоа и остана максимален по пет одиграни кола во Суперлигата.
Марко Митев со шест и Мартин Серафимов со пет гола беа најдобри поединци во таборот на Алкалоид, додека за Тиквеш се истакна Обина со седум постигнати гола.











