Алкалоид пред себе има бундеслигаш со високо реноме, воден од екс-германски селектор

Екипата на Алкалоид по ланскиот историски успех и трофејот од ЕХФ Купот, во новата натпреварувачка сезона се враќа во второто по ранг натпреварување на ЕХФ, Европската лига. Но, не директно во групната фаза, каков што беше случајот пред две сезони, туку пласман ќе брка преку баражот. А, таму немаше многу среќа во ждрепката, затоа што за противник го доби можеби најтешкиот ривал – германски Хановер.

Бундеслигашот веќе подолго време е дел од германската ракометна елита. Тоа е клуб чиј грб во минатото го бранеше нашиот капитен Филип Кузмановски. Хановер минатата сезона во Бундеслигата ја заврши на шестата позиција на табелата со 20 победи, 4 реми исходи и 10 порази. 

Тимот од северна Германија пропушти голема шанса да обезбеди директен пласман во групната фаза од Европската лига, односно најмалку петто место на табелата, откако одигра катастрофално во финишот од сезоната, во кој запиша четири порази и едно реми. 

Сепак, квалитетот на тимот не е спорен, особено ако се знае дека од клупата е воден од некогашниот германски селектор – Кристијан Прокоп. Хановер е тим составен од претежно домашни ракометари, надополнети со неколку играчи од Скандинавија (Норвешка, Шведска и Ферски Острови). 

Тимот летово го напуштија пет ракометари, меѓу кои и новиот играч на Охрид, Тилен Стрмљан, додека се засили со ракометари од Флензбург, Монпелје, Хамбург и Потсдам

Задачата на Алкалоид во овој бараж-двомеч ќе биде многу тешка, но на маката се познаваат јунаците, а момците на Кире Лазаров досега одлично се справувале со таквиот притисок.