• Горан Упале
По поразот од Партизан на Раул Гонзалез, екипата на Алкалоид ја запиша првата победа во Регионалната лига. На свој терен тимот од Автокоманда демонстрира моќ против Ловќен и стана првиот тим кој што постигна повеќе од 50 гола во новоформираното ракометно натпреварување.
Момците на Кирил Лазаров на крај славеа победа од 54-37, а во листата на стрелците се запишаа дури дванаесет ракометари. Прашањето на победникот на натпреварот беше решен уште по првите триесет минути. Алкалоид постигнуваше гол во секоја минута, а доколку Вујовиќ не погодеше во самата завршница, предноста на македонскиот тим ќе беше уште повисока. Вака на пауза се замина со 27-17 за Алкалоид.
Освојувачот на ЕХФ Купот од пред две сезони, во ист ритам го одигра и вториот дел и прашање беше само со колкава разлика ќе ја забележи првата победа во регионалниот шампионат. Ловќен веќе беше помирен со поразот, а на крај загуби со 17 гола разлика.
Најпрецизен кај Алкалоид беше Борзаш со осум гола, а по седум имаа Цехте, Ѓорговски и Петковски, додека Мрваљевиќ со седум беше најрасположен кај гостите.
