Алкалоид покажа моќ на првото суперлигашко гостување кај Охрид

Македонскиот ракометен вицепрвак Алкалоид одигра феноменално против амбициозниот ГРК Охрид (22-28) и ја запиша втората победа во вториот натпревар од ракометната Суперлига оваа сезона.

  • Комплетниот натпревар меѓу ГРК Охрид и Алкалоид:

Овој меч требаше да биде дерби, но немаше ниту „д“ од тоа затоа што гостинот од Скопје одигра феноменално. Уште од почетокот на мечот кога се поведе со 0-5, тимот на Кирил Лазаров даде до знаење дека ќе оди на полн плен на овој меч, а ГРК Охрид на Алушевски беше ставен во ситуација да брка.

Во еден момент охриѓани предводени од Бојаниќ и Цицар се вратија во натпреварот (8-9), ама Алкалоид пак влезе во серија, замина на 8-11, предност од три која порасна на шест гола до полувремето благодарение на разиграните Митев и Бинго (10-16). Во вториот дел високиот плус цело време беше на контото на Алкалоид.

Најдобар стрелец кај победникот беше Марко Митев со девет гола, пред Мартин Серафимов со пет гола, додека Михајло Младеновиќ и Давид Савревски погодија по три пати. Кај Охрид, Гал Цицар имаше шест, а Деан Шешиќ пет гола.