• Саше Љолес

Екипата на Алкалоид ја продолжи серијата победи македонската ракометна Суперлига. Момчињата на селекторот Кирил Лазаров беа далеку подобри од Еурофарм Пелистер 2 и сосема заслужено славеа победа со резултат 42-29 (23-15). Ова е трета победа во исто толку натпревари во групата А на Суперлигата за вицешампионот.
- Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Еурофарм Пелистер 2:
Уште во првиот дел Алкалоид ја покажа својата сила и наметна силно темпо на кое гостите од Битола немаа одговор. Домашниот состав играше во „петта брзина“ и уште на паузата имаше убедливо водство, 23-15.
Во второто полувреме публиката просведочи слична слика на теренот. Алкалоид продолжи со одличната игра, додека Пелистер не успеваше никако да се доближи на скопскиот тим. Домашниот тим во 47. минута имаше предност од 13 голови (34-21), а убедливата победа на крајот беше изразена со конечен резултат 42-29. Лазаров настапи без Бинго, Стојковиќ, Стојчевиќ и Велковски, а кај гостите недостигаше Печурица.
Најефикасни во победничкиот состав беа Иван Џонов и Марко Митев со по седум постигнати голови, додека кај Еурофарм Пелистер 2 прво име беше Петар Маркоски, кој беше автор на шест погодоци.
Алкалоид останува лидер со три победи во групата А, а пелистерци имаат една победа и два порази.