Алкалоид останува ноќна мора за Тиквеш, момците на Лазаров сигурни во Кавадарци

Ракометарите на Алкалоид ја продолжуваат победничката серија против Тиквеш, и вечерва по пресврт извојуваа значајна победа од 23-28 (14-13). Со ови три бода екипата на Лазаров остана на четвртото место, со големи шанси за второ излегување во евро-куповите по ред. Тиквеш сега е пред тешка мисија, бидејќи по двата домашни порази од Охрид и Алкалоид, излезот во ЕХФ Купот е сведен само на теорија.

  • Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш и Алкалоид:

Ниту во шестиот меѓусебен натпревар ракометарите од Кавадарци не успеаја да му земат скалп на младите момци на Кирил Лазаров. Алкалоид одигра квалитетен натпревар во салата „Јасмин“ и по пресврт во второто полувреме впиша важна победа во трката за излез во Европа.

Ракометарите на Тиквеш, мотивирани за одмазда за болниот пораз од само еден гол разлика во нивниот прв натпревар во плеј-офот, во грч го отворија дербито. Алкалоид за краток период поведе со 0-4 и долго време го чуваше водството на своја страна, но во финишот од полувремето Тиквеш, кој настапи без повредениот Обина, се созеде и со позитивна серија поведе со 14-13, резултат со кој се замина на одмор.

Во второто полувреме се водеше голема битка, двете екипи не дозволуваа противникот да се одлепи, но кога беше најпотребно Алкалоид, воден од Митев, покажа смиреност и ефикасност и се одлепи на четири гола предност. Таа ја сочува до крај за заслужена победа од 23-28.

Марко Митев имаше свое шоу и постигна седум гола за Алкалоид, а на спротивната страна поефикасен беше само Мартин Манасков со осум погодоци.