Алкалоид осоколен по Суперкуп-трофејот сака победа и над Вардар

Новата сезона во ракометната Суперлига стартува како што посакуваат ракометната фанови во Македонија, со големо дерби уште во првото коло. Две од трите најдобри екипи во последните сезони, вечерва, ќе ги вкрстат копјата и ќе се борат за првите овосезонски бодови.

Во Автокоманда, освојувачот на Купот на Македонија, Алкалоид, ќе го пречека вицешампионот Вардар 1961. Момците на Кирил Лазаров во овој дуел влегуваат осоколени и дополнително мотивирани по освоениот трофеј во Суперкупот. Во Гевгелија пред неколку дена Алкалоид го надигра шампионот Еурофарм Пелистер и за првпат во историјата се закити со трофејот од македонскиот Суперкуп

Но, нашиот претставник во ЕХФ Купот не може да се пофали со позитивни резултати против најтрофејниот, особено не во последниот период. Вардар 1961 е во серија од три победи во меѓусебните дуели со Алкалоид, а последниот беше пред две седмици во финалето на турнирот во Охрид. Претходно, вардарци играа и финале во Струга, но беа совладани од најголемиот ривал Еурофарм Пелистер.

И Лазаров и Недановски на располагање ќе го имаат речиси целиот ростер, па тоа навестува дека вечерва во Автокоманда со почеток од 19:00 часот ќе гледаме нов ракометен спектакл.