• Мартин Танасковски
Во ждрепката за квалификациите од Европската лига на ЕХФ, тимот на ТСВ Хановер-Бургдорф го доби македонскиот Алкалоид како свој противник во првото квалификациско коло. Германскиот состав, кој беше носител во ждрепката, го започнува своето учество во европските натпреварувања токму против суперлигашот, со што двата тима за првпат ќе се соочат на терен.
Од раководството на Хановер изразија респект кон новиот противник и очекуваат динамична атмосфера, особено на реванш натпреварот во Македонија. Спортскиот директор на клубот, Ајке Корсен, изјави:
„За нас започнува едно ново европско поглавје. Ќе играме против тим кој не го познаваме доволно, но сме свесни дека не очекува тежок дуел. Македонската публика е позната по својата страсна поддршка, па очекуваме вистинска ракометна атмосфера на реваншот. Затоа, целта ни е со поддршка од нашата публика во Хановер да обезбедиме предност и со тоа да поставиме цврсти темели за пласман понатаму.“, изјави Корсен.
Натпреварите ќе се одиграат на крајот на август и почетокот на септември – првиот дуел е закажан за 31 август во Германија, додека реваншот ќе се игра на 6 септември во Скопје.
ФОТО: TSV Hannover-Burgdorf / Facebook





