• Горан Упале

Македонскиот ракометен клуб, Алкалоид, пред нешто повеќе од еден месец го подигна шампионскиот пехар од ЕХФ Купот, а еден ракометар дури денес го доби медалот на своите гради.
Алкалоид без многу проблеми славеше на соочувањето со Бутел Скопје, во седмото коло од Суперлигата (32-25), а пред стартот на натпреварот раководството на Алкалоид направи потег за почит.
Спортскиот директор на тимот од Автокоманда, Милош Милошевски му го врачи медалот од освоениот ЕХФ Европски Куп на поранешниот голман на Алкалоид, Благојче Трајкоски, кој летово го напушти клубот и се пресели во Бутел.
Трајкоски две сезони го носеше дресот на Алкалоид, откако претходно ги бранеше боите на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2.










