• Мартин Танасковски

Екипата на Алкалоид ја оправда фаворитската улога и славеше над Фруитленд Борец (42-30) во меч кој дојде по европските обврски на тимот, а се играше во рамки на македонската ракометна Суперлига.
- Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Фруитленд Борец:
Избраниците на Лазаров одиграа меч во силен ритам, а победата можеше да биде поубедлива да не беше голманот Солев кој блескаше меѓу стативите и фати 17 топки, што е еден од најдобрите голмански перформанси во македонскиот шампионат оваа сезона кога се говори за одбраните.
Алкалоид водеше од почетокот до крајот, а откако замина на 10-5, се беше полесно. До полувремето во „Автокоманда“ домаќинот имаше предност од 23-16, а највисоката предност во продолжението од мечот беше девет гола во два наврати. Пред финишот на мечот, Алкалоид поведе и со десет гола разлика (38-28). Лазаров им даде шанса на сите ракометари и често ротираше.
Најдобар стрелец на мечот беше Мартин Ивановски со 11 гола, пред Дамјан Митев со пет гола, додека кај Борец, Виктор Трифуновски погоди седум пати, а Марио Миланов имаше шест гола.
Екипата на Алкалоид е лидер во Суперлигата со 35 освоени бода и има 17 победи на 18 одиграни средби.